Бујар Османи во Брисел ќе се сретне со Могерини

6 јуни, 2018 | 8:29 часот | 863 прикажувања |

Од денес во Брисел, во дводневна посета ќе престојува вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи.

Тој ќе ги презентира мерките предвидени во новиот реформски План 18, на средбите со високи претставници на Европската унија и Европската Комисија.

Како што соопштија од неговиот кабинет, ќе бидат отворени и сите останати теми поврзани со европските интеграции на земјава, а во насока на очекувањата од претстојните Самити на Европската Унија кон крајот на месецот.

Во рамки на посетата Османи ќе се сретне со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, со Димитрис Аврамопулос, комесар за миграција и внатрешни работи, како и со Кристијан Даниелсон, генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување.

Во рамките на посетата на Брисел, вицепремиерот Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши ќе се сретнат и со комесарката за трговија, Сесилија Малстром, каде тема на разговор ќе бидат трговските односи меѓу Република Македонија и Европската Унија, особено предизвиците кои произлегуваат од влошувањето на односите во делот на трговијата со челик меѓу Европската Унија и САД.