Објавен оглас за нови привремени членови на ДИК

5 јуни, 2018 | 8:10 часот | 696 прикажувања |

Денес е објавен Оглас за нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) за следните шест месеци. Ова ќе биде привремен состав на Комисијата, бидејќи до есен се очекува да биде изготвено новото изборно законодавство, со кое ќе биде опфатен и составот на ДИК.

Одлуката за распишување на огласот Собранието вчера ја достави до Службен весник, а се однесува на избор на претседател, заменик-претседател и петмина членови на Комисијата. Огласот трае осум дена од денот на објавување во Службен весник.

Претседателот на привремениот состав и двајца членови на ДИК ќе треба да го делегира опозицијата, а партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови.

Членовите на ДИК ќе ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Државната изборна комисија е надлежна и за организирање избори, референдуми и јавни изјаснувања, а клучна е исто така за мандатите на пратениците, градоначалниците и советниците во локалните самоуправи.

За ваквото решение за шестмесечен привремен состав на ДИК беа согласни сите парламентарни партии и измените на Изборниот законик, во делот на ДИК беа донесени едногласно.