Курц-Рама: Растечкиот број мигранти на Балканот мора да се сфати сериозно

31 мај, 2018 | 8:35 часот | 964 прикажувања |

Австрискиот канцелар и албанскиот премиер, Себастијан Курц и Еди Рама, на заедничката прес конференција се сложија дека растечкиот број мигранти на Балканот мора да се сфати сериозно и дека е неопходно преземање мерки за да не се повтори 2015 година.

Курц истакна дека на Балканот може да се забележи настанување на нови бегалски рути и дека криумчарите се обидуваат да ги пренесат бегалците од Грција преку Албанија кон Западна Европа.

„Тоа нема да го гледаме со скрстени раце, неопходно е да се бориме против тоа“, истакна Курц.

Курц се заблагодари на Албанија за заложбата да се бори против нелегалната миграција и најави дека Австрија ќе се залага Албанија да добие финансиска и билатерална поддршка од Европа.

Рама изјави дека Европа треба да биде подготвена за нов бегалски бран.

„Не сакаме луѓето да доаѓаат во Албанија и ние само да ги проследуваме од граница до граница, туку сакаме тие да бидат достоинствено третирани. Закаме да бидеме во можност да осигураме безбедност на нашите граници и воедно да ги почитуваме правата на бегалците“, порача албанскиот премиер Еди Рама.