Почина големиот македонски патриот Спасе Мазенковски

30 мај, 2018 | 11:35 часот | 658 прикажувања |

Во шеесет и петтата година од животот во селото Леска, Мала Преспа, денеска почина Спасе Мазенковски, голем македонски патриот, писател, новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија.

Целиот свој живот го мина и твореше во селото Леска.

Спасе Мазенковски роден е во 1953 година во селото Леска. Беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, основач и главен уредник на весникот “Преспа”, основач на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година.

Спасе Мазенковски на македонски јазик има објавено неколку поетски збирки, книги, разкази и репотажи “Преспа моја”, “Разбојна китка”, “Торбулетот на татко ми”, “Преспанска убавица”, “Лабид и Преспана”, “Рѓосани бисери”, “Историја на македонскиот народ во Албанија”. На албански јазик ја има објавено книгата “Историја на македонскиот народ”.

Беше член на друштвото на писатели на Македонија и на друштвото на писатели “Новиот свет” во Албанија.

Погребот ќе биди денеска на селските гробишта во с.Леска, Мала Преспа.

Од името на сите Македонци, МАЕИ до неговото семејство испрати телеграма со длабоко сочувство, во која се нагласува големата загуба, како за семејството,така и за Македонците, и се искажува огромна благодарност за неговиот придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и зачувување на македонскиот национален идентитет.