Двојникот на Ким Џонг-ун пристигна во Сингапур

29 мај, 2018 | 12:00 часот | 437 прикажувања |

Двојникот на севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, се појави во Сингапур, по најавите дека Ким и претседателот на САД, Доналд Трамп, тука ќе ја одржат историската средба.

Минувачите збунети го следеа и се фотографираа со лажниот лидер, во прво време мислејќи дека е лично тој, за потоа да сфатат дека се работи за негов двојник.

„Изгледаше како вистинскиот Ким Џонг-ун, но подоцна сфатив дека не е“, раскажа Сагар Адмите, кој во Сингапур пристигнал од Мумбаи, при што направил неколку фотографии со двојникот на Ким.

Мажот кој позирал преправајќи се дека е севернокорејскиот лидер самиот се нарекува Хуард Икс и вели дека се наоѓа во Сингапур за да им посака успех на Ким и Трамп.

„Тие ќе станат најдобри пријатели по овој состанок“, вели Хуард Икс.

Хуард се претстави како Ким на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, во февруари годинава, кога ги збуни севернокорејските чирлидерки, кои помислија дека лидерот на нивната земја пристигнал на стадионот.