ПРЕМИЕРА: Охридскиот режисер од прашката школа, Антонио Вељаноски, го претстави својот нов македонско-чешки филм „И(с)ЗГУБЕНИ“

26 мај, 2018 | 18:54 часот | 1.581 прикажувања |

Синоќа, охриѓани и гостите во Охрид имаа несекојдневна можност да присуствувааат на премиера на македонски филм од македонски режисер.

Беше премиерно прикажан краткиот игран филм „И(с)згубени“ на охриѓанецот Антонио Вељаноски, дипломецот на Прашката школа на монтажери и режисери.

Токму во 18:30, во просториите на Филмската Академија при Универзитетот „Свети Апостол Павле“, пред преполнетата сала се случи филмската премиера на „И(с)згубени“, филм во кој главни актери се чешките легенди Јан Качер и Марија Дурнева со кои и филмската приказна доби своја меѓународна вредност и повисок квалитет.

На почетокот на премиерата свое воведно обраќање имаше авторот на филмот, режисерот Антонио Вељаноски, кој го истакна задоволството што премиерата му се случува токму тука во родниот Охрид, а се обрати со своја поема насловена „Не е доцна“ со што ја најави приказната и пораката од филмот чија премиера следуваше.

Меѓу присутните гости имаше многумина видни личности: поети, професори, лекари, културни и научни работници, како и филмски работници и филмски критичари и други вљубеници во филмот и уметноста.

Тука, заедно со режисерот Вељаноски беа присутни и луѓето од тимот кои го подготвија и реализираа филмот: актери,композитори, сниматели, монтажери и продуценти.

Премиерата беше проследена со големо внимание, а крајот на филмот беше дочекан со бурни аплаузи од присутните. Поклонот кон публиката беше израз и на задоволството кое го почувствуваа авторите на филмот.

А импресиите од публиката беа изразени и со емотивни искажувања.

„Ако успеаја да измамат емоции и кај мене како психијатар, значи веќе сум рекла сė“, изјави д-р Васка Кочоска, додавајќи дека филмот ја заслужил позитивната критика и од другите присутни.

„Многу ми се допадна и тематиката и изборот на музика и актерите особено. Јас сум воодушевена“, вели младата Јована Поповска.

Меѓу присутните беше и познатиот македонски археолог Паско Кузман.

„Филмот и приказната се фантастични. Фантастично до солзи. Дотолку повеќе за мене, бидејќи и јас имам куче“, нагласи Кузман.

И Ѓоко Симјаноски, познатиот филмски критичар кого го познаваме од филмските емисии на една охридска телевизија, истакнува:

„Филмчето, кратко, ама е добро парче и се гледа дека е прашка школа. Мислам дека наскоро ќе видиме уште подобри и посодржајни нешта од овој автор, зашто, навистина, во 15 минути и не може сė да се доискаже, ама пак и мајсторство е да се направи и спакува еден филм со сите свои нишани во само 15 минути. Инаку, од Охрид, покрај Антонио, се надевам дека и други ‘деца’ ќе излезат како добри автори и не само од оваа школа, ами и од други школи каде младите охриѓани го печат овој занает.“

За крај ја издвојуваме и изјавата на режисерот Антонио Вељаноски:

„Филмот, во суштина, претставува приказна за она што се вели правила во животот. Колку ние се држиме до нив и колку ги почитуваме. Тоа упорно и тврдо држење до правилата најдобро го видовме и во ликот на старецот кого го игра Јан Качер, и во ликот на жената кој го игра Марија Дурнова. Ова се двајца чешки актерски бардови со кои ми беше особена чест да работам и од кои многушто научив.

Секако, во ликот на старецот ја видовме строгата дисциплина и почит кон сė што е правило, наспроти околината која не е оптоварена со таква посветеност . Јас сум љубопитен и сакам да навлезам во човечките емоции и сакам да знам зошто еден човек, еден лик размислува вака или поинаку и зошто дејствува така како што дејствува. Сепак, најважно е, како што и кажав во поемата, да учиме и да учиме постојано, но и да научиме да живееме. И, за тоа никогаш, никогаш не е доцна.“

Инаку, по оваа охридска прапремиера на „И(с)згубени“, ќе следуваат и други, кои, како што очекува Вељаноски, се планирани да бидат во Македонија, но и на неколку следни меѓународни фестивали.

Македонија 365 му посакува да му се остварат плановите, а ние да бидеме дел и од следните премиери на следни нови филмови на охридскиот режисер со прашко искуство, младиот Антонио Вељаноски.

Македонија 365                                                                                                                         Дим Дон