ВМРО-ДПМНЕ продолжува со бојкот на општинските совети

7 декември, 2017 | 17:03 часот | 2.278 прикажувања |

Седниците на општинските совети во општините Штип и Гевгелија денеска беа бојкотирани од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Советниците реагираа на приведувањето и апсењето на осомничените за собраниските инциденти од 27 април.

Во штипскиот Совет, советниците скандираа „Македонија е вечна“ и носеа маички на кои беше напишано „И јас сум терорист.“

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираат седниците низ повеќе македонски општини, а тоа го прават „во знак на револт за политичкиот прогон кој власта на СДСМ го прави кон оние кои не мислат исто како неа“, односно за притворените за настаните на 27 април. Според нив: Сашо Василевски, Игор Дурловски, Горан Ангелов, Богдан Илиевски, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Борис Дамовски и останатите притворени не се терористи, туку уставобранители.

Во изминатите денови од ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираа советите во Вевчани, Берово, Ѓорче Петров, Куманово и Струмица.