ОМД формираше претставништво во Лондон, Илија Влчевски назначен за претставник

7 декември, 2017 | 15:52 часот | 1.185 прикажувања |

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го соопштува своето проширување во Обединетото кралство со назначувањето на Илија Влчевски за нов претставник на ОМД во Обединетото кралство со седиште во Лондон. Посебен фокус на Влчевски ќе му бидат младите генерации Македонци во Обединетото кралство, обидувајќи се да го негува нивниот потенцијал за позитивни промени во своите заедници, но и во Македонија.

Влчевски е втора генерација македонски имигрант роден и пораснат во Лондон. Дипломирал на катедрата по бизнис и економија на Универзитетот во Хертфордшир со највисок просек. Главната пасија на Влчевски е развивањето економски стратегии и изнаоѓањето нови можности на ова поле, пред се во однос на подобрувањето на животниот стандард во Македонија, на македонската дијаспора, но и пошироко на Балканот.

Откако во 2017 учествуваше во програмата „Родум од Македонија“, при што стажираше кај претседателот Ѓорѓе Иванов и ја увиде заемната љубов кон македонските корени кај него и кај останатите учесници, Влчевски доби инспирација да основа оддел на ОМД во Обединетото кралство со цел да помогне во обединувањето на македонската заедница во оваа земја, но и низ целиот свет. Во слободно време, Влчевски обожава да вежба и да чита за економија, филозофија, политика и стратегии.

Откако дозна за назначувањето, Влчевски изрази огромна возбуденост за иднината на ОМД Лондон:

„Ќе ми биде задоволство да ги предводам активностите на ОМД во Лондон и во Обединетото кралство. Се надевам дека ќе успеам да отворам пат за каузата на ОМД која и за мене има огромно лично значење.“

Димитар Насев, член на Управниот одбор на ОМД и одговорен за проширување на ОМД во Европа, додаде дека „Илија е значаен член на македонската дијаспора и перспективен млад лидер за кого немам никакви сомнежи дека ќе одигра клучна улога во унапредувањето на мисијата на ОМД како верен поддржувач на глобалната македонска заедница.“

ОМД е уверена дека Влчевски ќе оствари одлични резултати во својата нова улога, меѓудругото и преку соработка со долгогодишниот партнер на ОМД, Асоцијацијата на Македонци во Обединетото кралство (АМУК), како и со заедницата на македонски верници.