
Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, денеска се обрати на конференцијата посветена на унапредување на остварувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението, организирана од Агенцијата за остварување на правата на заедниците и ОБСЕ.
Таа ги образложи политиките и реформите на Владата и Министерството за образование и наука во насока на унапредување на остварувањето на правата на помалубројните заедници во областа на образованието.
Во своето обраќање, министерката Дескоска истакна:
Владата на Република Македонија промовира политика на едно општество за сите. Тоа опфаќа и гаранција и унапредување на јазичните права на сите заедници кои живеат во Република Македонија, бидејќи јазикот е обележје на припадност на една заедница и обидот за негирање на јазичните права се знак за нетолеранција и обид за дискриминација.
Тоа значи градење на политика за употреба на јазиците која ќе се заснова на принципите на толеранција и соживот, политика на промоција на јазичните права, политика која нема да создава граница меѓу луѓето и власта, ниту меѓу луѓето кои зборуваат на различни јазици.
Креирањето на толерантни политики за употреба на јазиците треба да е прашање од највисок приоритет во секоја земја.
Во образовниот систем во Република Македонија постои потреба за унапредување на изучувањето на јазиците на заедниците, но исто така постојат и проблеми во остварување на ова право заради недостаток на соодветен кадар.