ОМД: Четвртиот Илинден ќе биде денот кога Македонија ќе се повлече од т.н. преговори за името

20 мај, 2018 | 10:46 часот | 2.223 прикажувања |

Од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) соопштија дека категорично го отфрлаат предлогот на премиерот Зоран Заев да го смени македонскиот Устав и да наметне „ново име“ на Македонија и македонскиот народ. Четвртиот Илинден ќе се случи кога вистински државник ќе се роди во Македонија и ќе ја повлече земјата од смешните „преговори“ за македонското име и идентитет под покровителство на Обединетите нации, потенцираат од ОМД.

„Ние имаме име – Република Македонија. Предлогот на Заев да се смени нашето име во ‘Република Илинденска Македонија’ и волјата премолчано да се согласи со грчката позиција за ‘ерга омнес’ како дополнение на неговите обиди да ја редефинира Македонија како бинационална држава ги загрозија столбовите на кои почива македонската нација“, истакна претседателот на ОМД Стојан Николов.

„Наместо засрамувачки да се обидува да ја редефинира и преименува земјата, Заев треба да се фокусира на економијата и владеењето на правото – кои ќе доведат со создавање на работни места од приватниот сектор и намалување на зависноста од владата (и политичката партија која е на власт“, се додава во соопштението на ОМД.

Медиумите известија дека грчката влада и опозициските партии го отфрлија предлогот на Заев како неприфатлив, што го поставува прашањето: Дали Грција навистина сака да го реши овој проблем (кој го поттикна)? И дали Грција сака нејзиниот северен сосед како рамноправен член на евро-атлантските институции? Нажалост, грчките политичари ги изиграа нивните македонски колеги во дипломатската арена, посочуваат од ОМД.

Од таму велат дека „со цел да се покаже како конструктивен, Заев уште еднаш демонстрираше наивност, понижувајќи се себеси и фрустрирајќи ја македонската нација, како што направи со промената на автопатот во Македонија“.

ОМД го потсетува Заев и другите македонските политичари дека Македонците насекаде во светот никогаш нема да дозволат промена на името на Република Македонија или на нашиот идентитет како Македонци.