Почнува Неделата на италијански филм во Скопје

17 мај, 2018 | 9:24 часот | 332 прикажувања |

Денеска со почеток во 19 часот во киното „Милениум“ се отвора фестивалот посветен на италијанскиот филм, организиран од италијанската амбасада во Скопје.

Првата проекција ќе почне со филмот Call Me by Your Name од 2017 година во режија на Лука Гвадањино, добитник на „Оскар“ за најдобро адаптирано сценарио и со три номинации за најдобар филм, за најдобар главен актер и најдобра песна.

Филмот доби едногласна поддршка од страна на публиката и критиката, особено на филмскиот фестивал „Санденс“ и Њујоршкиот филмски фестивал, каде што беше поздравен со десетминутни овации. Тој раскажува за една деликатна хомосексуална љубовна приказна помеѓу еден тинејџер и млад американски студент, која се одвива во текот на летото во осумдесеттите години, поминато во околината на гратчето Крема, во внатрешноста на италијанскиот регион Ломбардија, во прекрасната вила на родителите на главниот лик. Филмот е забранет за помлади од 16 години.

Преостанатиот дел од фестивалот ќе се оддржи од 18 до 23 мај во Кинотеката на Македонија со почеток во 20 часот. Оваа година заедничката тема на филмовите што ќе се прикажат е инспирирана од темата на работата: почнувајќи од борбата за опстанок на тие што се обидуваат да најдат работа, до самоостварувањето на тие што ја прифаќаат како центар на сопственото постоење.

На проекцијата на 18 мај во Кинотеката на Македонија почесен гостин ќе биде министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска.