Стефоски: Дали е можно да се најде „достоинствено“ решение на апсурден спор?

16 мај, 2018 | 20:03 часот | 767 прикажувања |

Дали е можно да се најде „достоинствено“ решение на апсурден спор? За кого треба да биде „достоинствено“? Што е тоа „достоинствено“ и како ќе се утврди тоа? Ако воопшто политиката смее и може да размислува за решенија за прашања кои се НЕПРЕГОВОРЛИВИ, тогаш треба да се размислува само за следниве решенија кои може да се прифатат како достоинствени:

1. Да се утврди дека спорот е НЕРЕШЛИВ, и потоа со тоа да се изнајдат решенија ситуацијата која настанува од тоа, за проблемите кои произлегуваат, за нивното надминување, за унапредување на соработката во такви услови. Утврдувањето на тоа што е НЕРЕШЛИВО ќе покаже и што е РЕШЛИВО во односите меѓу државите. Патем, затоа постои и меѓунардното право, нешто што се вика пракса, обичаи итн. Не сме ние првите држави кои уредиле меѓусебни односи.

2. Да се утврди дека како и во секое преговарање за спор кој е НЕРЕШЛИВ низ преговори треба да се примени меѓународното право за да се разреши ситуацијата и проблемите во односите. Ова подразбира и решение во ООН според стратегијата на проф. Игор Јанев, што го акцептира тоа право.

3. Единствено решение кое би можело да биде евентуално прифатливо како достоинствено, а добиено низ преговори е двојната формула, која исто така би ги прифатила сите тие аспекти на меѓународното право во однос на самоидентификацијата, на правото на самоопределување кое продразбира право на избор на самоименување. Може да биде прифатливо такво обраќање кон нас, но ако не е пежоративно во ниту една смисла, а е во духот на односниот јазик, традиција итн.
Тоа решение ќе дојде само откако во историски договор за меѓусоседски односи ќе биде НЕДВОСМИСЛЕНО и БЕСПОГОВОРНО прифатено од страна на Грчката страна (Република Грција и грчката наука, општество) дека:

– Македонскиот народ (етнос) е тој супстанцијален елемент на Македонската нација кој живее на историската територија на Македонија, истата ја смета за своја ТАТКОВИНА во смисла во која сите нации подразбираат поврзаност со определена татковина. Македонците како народ имаат право на своја татковина која им го дала името, односно, тие го одржале името на таа татковина.

– Дека тој македонски народ и неговите припадници имаат непорекливо право да продолжат да се нарекуваат така како што почнале да се нарекуваат и се нарекуваат низ историјата и низ историските процеси на етногененезата на овој народ како Македонци со татковина Македонија. Имаат право на колективно сопствено име, избрано во тој самоиндентификациски процес и тоа треба да биде прифатено без да се гледа на некаква опасност во тоа. Македонците имаат непорекливо право да бараат другите да ги препознаваат и именуваат како што тие избрале да се именуваат.

– Македонците имаат право, еднакво како и сите други народи, да имаат свои национални митови, митови за заедничкото потекло, имаат право на своите историски сеќавања, на своето минато, имаат право истите низ научна методологија да ги истражат и запишат како своја национална историја, историја на Македонија како држава, на Македонија како регион, на етногеографски простор во кој живееле и живеат заедно со сите други нации, делови од нации, етнички групи итн. Во таа насока треба науката без мешање на политиката, и врз основа на научната методологија да ги истражи, да ги утврди и презентира сознанијата во вид на историски вистини. Во тој контекст треба да бидат утврдени и сите факти и историски процеси и случувања кои се дел од историските настани и процеси во кои биле вклучени двете нации, особено периодите кои предизвикале трагични последици кои ја обременуваат сегашноста. Особено прецизно во минатото да се утврдат и елементите на нечовечко однесување и постапување на државите, парадржавните творби, милитарни или парамилитарни институци и групаци, поединци и др., чинови и процеси на дискриминација, етничко чистење и друг вид на геноцидни акти кои низ историјата државите или поединците кои се припадници на односните народи ги направиле врз населението.

– Македонската држава има право, еднакво како и другите народи кои си утврдиле себе си такви права, да покаже солидарност, разбирање и да пружи помош на своите сонародници каде и да живеат, без притоа во тоа да се гледа како на непријателска активност, иредентизам или било каков друг непријателски чин.

Е, дури откако сето ова погоре ќе биде прифатено како основно право и нема да биде направен никаков чекор во оспорување, негирање или на било каков начин на оневозможување на уживање на истото, може да се прифати некаков ЕГЗОНИМ (именување отстрана) за Република Македонија, кој не би имал никаква друга улога освен недвосмислено да ја означи државата Република Македонија и да ја разликува од другите локални употреби во Република Грција за некакви региони, провинции итн. А кои поизлегуваат од тоа што по 1913 година делови од географскиот регион Македонија биле окупирани и потпаднале под власт на тогашната грчка држава, и денес се недвоив дел од Република Грција.

Името кое би било најадекватно, прифатливо и кое не содржи навредливост (пежоративност), а кое не би било спорно за употреба како егзоним од страна на Република Грција, е Македонска Држава на грчки јазик. Таков регион или држава со име „Македонска Држава“ освен нашата нема никаде, па ниту може да се меша со нешто во Грција. Од друга страна тоа е обраќање со придавка, а не со именка, која толку им прави проблеми. Секаде каде Република Македонија употребува превод на своето име на друг јазик, во согласност со правилата на тој јазик треба да го употребува и Република Грција.

Се друго освен ова е неприфатливо, недостоинствено и не е решение ниту за спорот, и ќе продолжи да предизвикува проблеми. Никој не може да го оспори сувереното право на самоидентификација на Македонците и на државата која настанала како дел од вековната борба за своја национална држава.

На референдумот во 1991 година прашањето беше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден Сојуз на суверените држави на Југославија?“

Ова значи дека референдумот потврдил дека името суверената и самостојна држава е Македонија. Рефередумот обврзува само тоа име да се користи во секоја употреба каде треба да биде означена, именувана или посочена државата.

Едноставно и кратко: името на народот, на државата и се друго поврзано со националниот идентитет се НЕПРЕГОВОРЛИВИ ПРАШАЊА. Никакви разговори, преговори и дискусии не можат и не смеат да се водат за нив, а камоли да вршат промени во нив.

Нема достоинствени решенија за недостоинствени спорови, измислени за да го изгубиме достоинството, односно, да не снема. Нема паметни одговори на глупави прашања, освен оние кои ќе ја потенцираат глупавоста на истите.