Бошњаковски: Средбата Заев-Ципрас е исчекор кон конечно решение за прашањето за името

16 мај, 2018 | 13:31 часот | 390 прикажувања |

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска во коментар за очекувањата на Владата и шансите да се затвори прашањето за името на утрешната средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, рече дека таа е исчекор кон конечно решение.

„Во однос на утрешната средба на премиерите Заев и Ципрас премиерот Заев вчера јавно кажа оти е премногу рано да се очекува такво нешто, но мислам дека оваа средба е исчекор кон конечно решение“, рече Бошњаковски на прес-конференција.

На новинарско прашање портпаролот на Владата ги негираше информациите објавени во дел од германските медиуми дека на средбата на Заев и Ципрас ќе присуствува германската канцеларка Ангела Меркел.

„Канцеларката Меркел со премиерот Заев ќе има одделен состанок, односно билатерална средба. Исто така ќе имаме средба и со францускиот претседател Макрон, но средбата Заев-Ципрас ќе биде меѓу нив двајцата“, рече Бошњаковски.

Тој потврди дека средбата на Заев и Ципрас е закажана за утре во 10:30 часот по софиско време на маргините на Самитот во Софија. Тоа ќе биде втора тет-а-тет средба на премиерите на Македонија и Грција.