За конечен договор со Белград, Приштина ќе мора да го смени Уставот

14 мај, 2018 | 11:56 часот | 445 прикажувања |

Од Приштина би можело да се бара да го смени Уставот, за да може да излезе во пресрет на конечен договор со Белград, пишува денешното издание на „Коха диторе“.

Повикувајќи се на извори блиски до преговорите меѓу Белград и Приштина, весникот наведува дека страните се известени оти би можеле да дојдат до точка кога би морале да ги „ревидираат“ уставите, во одредени делови.

Приштина, според „Коха“, би требало да дозволи дополнителни надлежности и одговорности за Заедницата на српски општини, а како дел од пакетот за договорот се спомнува и столица за Косово во Обединетите Нации.

„Коха“ пишува дека функционери од косовската Влда негирали дека им се презентирани тие опции, но изјавиле дека се свесни оти ги чека „тежок процес со многу непознати“.

За опозицијата и претставниците на цивилното општество во Приштина, секој компромис кој излегува од рамките на Уставот нанесува штета на политичката и институционалната функционалност на Косово, пишува весникот.