Денес рочишта за „Тенк“, „Тендери“ и „Тотал“

14 мај, 2018 | 7:45 часот | 223 прикажувања |

Денес во Кривичниот суд ќе се одржат рочишта за предметите на СЈО „Тенк“, „Тарифа“ и „Тотал“.

На рочиштето за „Тенк“ треба да бидат дадени завршни зборови на обвинетите во овој процес, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

Тројцата се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

Судско рочиште треба да се одржи и за предметот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, а се однесува на тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.

Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Денес на обвинителна клупа во Судот треба да седне и новинарот Драган Павловиќ-Латас, кој е осомничен во предметот „Тотал“.

Претходните три рочишта за овој случај не се одржаа, бидеќи не присуствуваше Павловиќ-Латас поради здравствени и семејни причини.

Според обвинението на СЈО, осомничениот давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично физичкото лице затаило 3.876.471 денар или 63.032 евра.