Јункер порача дека на Западен Балкан итно му е потребна европска перспектива

11 мај, 2018 | 22:30 часот | 316 прикажувања |

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во своето обраќање на конференцијата под наслов „Членовите на Заедницата: Солидарност во Европа”, што се одржа во италијанскиот град Фиренца, рече дека популизмот и национализмот, како што е економската криза, доведе до зголемување на јазот помеѓу земјите-членки на ЕУ.

Тој предупреди дека Европа во последниот период, ја погодуваат различни кризи, истакнувајќи дека солидарноста полека се губи, што најдобро се покажало со мигрантската криза.

„Многу сум збунет од пукнатините предизвикани од мигрантската криза, по прашањето за нашата солидарност“, рече Јункер.

Тој додаде дека членките на ЕУ самите треба да ги применуваат европските вредности, наместо некој да ги принудува да го сторат тоа.

Јункер истакна дека на регионот Западен Балкан, „итно му е потребна европска перспектива”, предупредувајќи дека би можело да се случи повторување на проблемите и трагедиите од минатото.

Претседателот на ЕК нагласи дека Брисел треба да има посилна позиција во врска со заедничката надворешна политика на ЕУ, истакнувајќи дека Европа и натаму ќе мора да посвети поголемо внимание на заштитата на нејзините надворешни граници.

На крајот, тој порача дека спасот на европскиот проект е повеќе солидарност меѓу земјите-членки на ЕУ.

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани истакна дека земјите-членки на ЕУ треба да дејствуваат заедно за да обезбедат безбедност за сите граѓани во Унијата.

„Проблемот со мигрантите не можат сами да го решат земјите на југот на Европа.Солидарноста е клучот“, рече Тајани.