Почина доајенот на НУ Турски театар, актерот Салаетин Билал

11 мај, 2018 | 10:54 часот | 180 прикажувања |

По долго боледување, на 76-годишна возраст, на 10 мај почина познатиот македонски актер Салаетин Билал, доајен на НУ Турски театар.

Билал од 1964 година работел во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје, каде со голема посветеност одиграл голем број улоги сè до пензионирањето во 2007 година, иако и потоа бил ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.

Паралелно играл и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар и во Драмскиот театар. Во неговото актерско портфолио се запишани седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, како и четириесет телевизиски и филмски улоги кои ја одбележуваат неговата респектабилна кариера.

Посветен на театарот како личен предизвик, Билал имал и режисерски обиди, односно потпишан е како режисер на четири претстави, а воедно преведувал драмски текстови и бил директор во еден период.

Салаетин Билал во текот на својата кариера ги добил следниве награди: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во „Дервишот и смртта“; „13 Ноември“ за Хаџи Трајко во „Коштана“ (1977); „11 Октомври“ за А. Б. во „Дамокловиот меч“ (1983); две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во „Кавкаски круг со креда“ (1990); награда за епизода „Димче Трајковски“ за улогата на Нуман во претставата „Стари фотографии“ (Прилеп, 1993), како и награда за животно дело (2014).

Погребот ќе биде денеска, 11 мај, во 13:30 часот на градските гробишта Бутел по петочната молитва во џамијата Бутел.