Македонија го прославува Денот на Европа – 9 Мај

9 мај, 2018 | 8:21 часот | 841 прикажувања |

Македонија годинава го прославува Денот на Европа – 9 Мај.

На 9 мај 1950 година, Роберт Шуман го презентира предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент. Предлогот познат како „Шуманова декларација“ се смета за почеток на формирањето на тоа што денес претставува Европската унија.

Првично, активностите се однесуваа на создавање заеднички пазар за јаглен и за железо на земјите основачи – Германија, Франција, Белгија, Италија, Луксембург и Холандија. Денес ЕУ ја сочинуваат 28 земји членки, но со референдумот во Велика Британија и одлуката за излегување на земјата од ЕУ, бројот на членки ќе биде 27.

Македонија годинава го прославува Денот на Европа со очекувања за добивање конкретен датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ на јунскиот Совет на ЕУ.

Препораката за почеток на преговори за влез во Унијата и пофалби за спроведените реформи и добрососедските односи,  во Скопје минатиот месец ги донесоа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.