Мицкоски: Заев продал државно земјиште кое завршило кај неговиот брат

8 мај, 2018 | 17:49 часот | 192 прикажувања |

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска обелодени нова афера во која, како што рече, е инволвирано семејството Заеви. Како што рече Мицкоски, премиерот, Зоран Заев, додека бил градоначалник на Струмица, склучил договор со фирмата „Тотал инжинеринг“ во сопственост на неговиот брат, Вице Заев, за инвестирање во станбена зграда на седум ката.

Постапката, како што рече Мицкоски, почнала во декември 2014 година кога било одржано јавно надавање за отуѓување на градежно неизградено земјите во Општина Струмица. На аукцијата, рече Мицкоски, се јавува само Сашко Брндевски, бизнис партнер, рече тој, во една од компаниите на Вице Заев.

„На лицитација се понудени 2.300 денари за метар квадратен, станува збор за парцела од 18.462 метри квадратни. Во февруари 2016 година Сашко Брндевски добива од Општина Струмица одобрение за градење на станбена зграда број осум. Во истиот месец Брдевски склучил договор за пренесување на право на градење на предметната парцела со правните лица „Тотал инжинеринг“, сопственост на Вице Заев, и АД Пелагонија Струмица во чиј управен одбор во тоа време е Трајче Заев, братучед на Зоран Заев“, рече Мицкоски.

Тој потсети дека фирмата „Тотал инжинеринг“ беше во средиштето на афера со камиони и превоз на јаглен.

„Како надоместок за тоа што им го отстапува правото на градење, Брндевски добил стан од 40 метри квадратни. Еден стан за локалција на која се гради зграда со нето површина од 6.888 метри квадратни. Профитот се брои над милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев“, рече тој.

Мицкоски додаде дека во март 2016 година, Зоран Заев како градоначалник донел решение за промена на инвеститор. Наместо Брндевски новиот инвеститор се двете фирми во сопственост на Заеви.

Мицкоски приложи документ на кој рече е потпишан Заев, а на кој стои и фирмата на неговиот брат, Вице Заев.

„Заев продал земјиште каде гради неговио брат. Личните заработувачки се бројат во милиони евра. Како тоа токму братот и братучедот ја добиле дозволата да градат на тоа место? Дали тоа не е конфликт на интереси и моранлна дисторзија? Очиглед криминалниот канцер во државата метастанзира, ова мора да се промени. Граѓаните заслужуваат подобро“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој побара јавното обвинителство да го испита случајот.