Малата Валерија се чувствува добро по операцијата во Турција

30 ноември, 2017 | 16:42 часот | 935 прикажувања |

Малата Валерија Зафировска од Штип која има тумор на мозокот денеска беше оперирана во болницата во Турција. Нејзиниот татко, по завршувањето на операцијата, напиша на социјалните мрежи:

„Народе, да сте живи и здрави. Бог ги слушна вашите и наши молитви. Слава Боже! Валерија е ОК, будна без никакви компликации. Бог да ве благослови сите! Бог е голем! Да сте живи и здрави сите што бевте со нас во најтешките моменти! Бог да му даде среќа на професор доктор Мемет Озек“.

Претходно, нејзините родители објавија фотографии од девојчето на кои се гледа дека е подготвена да влезе во операционата сала.

Малата Валерија ја крена целокупната македонска јавност на нозе кога нејзините родители упатија апел за донации за операцијата на тумор на мозокот. Хуманите граѓани, за релативно краток период преку донации на парични средства успеаа да и помогнат на Валерија да замине на потребната операција.