ВМРО-ДПМНЕ: Одземањето на имунитетот на пратениците е доказ дека не постои правен систем

30 ноември, 2017 | 15:36 часот | 278 прикажувања |

Денешната одлука на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не е базирана на факти и на аргументи, туку на голата желба за политички реваншизам на СДСМ кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, но и кон многу граѓани кои покажале лична доблест и свест да проговорат јавно против политиките на СДСМ, реагираат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и за непочитување на Уставот на Република Македонија. Пораката што СДСМ ја испрати со денешната одлука на партиската Комисија за мандатно-имунитетни прашања е дека СДСМ не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него“, стои во партиското соопштение.

Од опозициската партија велат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија не сака да дава легитимитет на противуставните одлуки на партиската комисија на СДСМ.

„Денес, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го премолча и го аминуваше прекршувањето на Уставот и на деловникот за работа на Собранието. На СДСМ не му приоритет ништо освен политички реваншизам“, додаваат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.