Охрид СОС: Бремена научничка која допатувала на конференција во Охрид е депортирана во Цирих

28 април, 2018 | 18:17 часот | 1.064 прикажувања |

Научник со колумбиски пасош кој викендов требало да учествува на конференција за блатни екосистеми во Охрид, итно бил депортиран за Цирих. Невладината организација Охрид СОС обвинува дека станува збор за скандал во пресрет на одржувањето на научната конференција на Society of Wetland Scientists за блатни екосистеми во Охрид, на која се најавени бројни ученици од странство.

Според нив, инцидентот се случил на меѓународниот аеродром Скопје вчера околу 20 часот кога бил експресно депортиран научник со колумбиски пасош кој само што пристигнал со авион од Цирих, а живее и работи во Швајцарија. Причината за итната депортација е што таа немала виза за Република Македонија.

„Залудно и таа и нејзиниот сопруг, исто така научник, им објаснувале на припадници на МВР / МНР дека таа го исполнува третиот услов за дозволен влез во Република Македонија објавен на интернет страницата на МНР. На оваа страница јасно пишува дека тие што имаат шенген виза со повеќе влезови не треба да имаат и македонска виза за да влезат во Република Македонија“, објави Охрид СОС на „Фејсбук“.

Според нив, „жената која што е петти месец трудна, била насилно качена на авион назад за Цирих без можност и да се поздрави со својот сопруг за кого немало место во авионот да се врати заедно со неа“. „Згора на сѐ, ѝ бил ставен и црн печат во пасошот. А таа е научник со меѓународна кариера и тој црн печат и тоа како може да ѝ пречи во понатамошното извршување на нејзината работа – таа постојано патува поради конференции или теренски истражувања“, реагираат од невладината организација.

По заминувањето на жената и сопругот денеска заминал назад за Цирих и го откажал неговото учество на конференцијата во Охрид каде што требаше да презентира научен труд.

„Кои биле службениците што вчера каубојски си дозволиле да депортираат научник како да е најголем криминалец назад во Швајцарија? Какви санкции ќе сносат и кој ќе ја надомести штетата што ја направиле лица некадарни да бидат вработени на тие позиции на кои се?! До кога Македонија ќе си игра држава?!“, се вели во реакцијата на Охрид СОС.