Шкариќ за „Фактор“: Законот за јазици ќе падне на Уставен суд, дури и Џафери да го потпише указот

27 април, 2018 | 12:17 часот | 468 прикажувања |

„Многу одредби од Законот за употреба на јазиците вака како што е напишан нема да можат да поминат во Уставниот суд и под услов Уставниот суд да се наоѓа на најниско стручно ниво. Тоа им е јасно и на самите автори на Законот за употреба на јазиците. Уставниот суд голем број од одредбите би ги укинал, а некои можеби и би ги поништил“, вели професорот Светомир Шкариќ во интервју за „Фактор“.

Според универзитетскиот професор по уставно право, Законот за употребата на јазиците така како што е напишан тешко дека ќе може да да се оформи како законодавен акт, ќе има доста пречки.

„Претседателот на Собранието може да го потпише Законот за употребата на јазиците и да го прати до Службен весник со образложение дека претседателот на Македонија го крши Уставот, а тој како спикер на Законодавниот дом е должен да го испрати Законот на публикување бидејќи секој граѓани вклучувајќи го и Иванов има обврска да го почитува Уставот. Но и со тоа нема да биде решен проблемот затоа што тогаш доаѓа најтешката пречка во врска со стапувањето на Законот во сила, а тоа е Уставниот суд. Ако Законот биде објавен со дефектен указ, Уставниот суд би можел да се произнесе дека таквиот акт не може да го земе во постапка за разгледување бидејќи не е Закон “, изјави проф. Шкариќ во интервју за емисијата Фактор магазин на ТВ24.

Шкариќ оцени дека Законот за потреба на јазиците не одговара ниту на албанската етничка заедница , па и на оние што го предложиле затоа што Законот инсистира на строго почитување и развој на мултикултурализмот, а не на интеркултурализмот. Шкариќ кој во еден период му беше и советник на претседателот сугерира во Собранието да отпочне постапка за импичмент поради тоа што Иванов на неколку наврти за време на неговиот мандат го прекршил Уставот.