Ќе се одлучува за одземање на имунитетот на шест пратеници од 27 април

30 ноември, 2017 | 10:36 часот | 434 прикажувања |

Комисијата за деловнички и мандантно-имунитетни прашања денеска ќе расправа за барањата за притвор за шесте пратеници на барање на Основниот суд Скопје 1.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери до Комисијата за мандантно-имунитетни прашања ги достави барањата за одобрување на притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска поднесени од Основен суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција IV KOK.ПП. бр.384/17 од 28 ноември 2017 година.

Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето. За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство. По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

Членови на оваа комисија се и двајца од пратениците за кои има информации дека е побарано притвор, но според Деловникот и тие треба да бидат известени за седницата. Нивното место во Комисијата ќе го заземат заменици-членови од пратеничката група.

Заменик-претседател на Комисијата е пратеникот Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски, а заменици се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.

Неколкумина пратеници се меѓу 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.