ВМРО-ДПМНЕ: Хунтата на СДС спроведува класичен партиски реваншизам

30 ноември, 2017 | 10:24 часот | 180 прикажувања |

Хунтата на власт управувана од СДС спроведува класичен партиски реваншизам и брутален политички притисок. СДС го злоупотребува судството за креирање неосновани обвиненија за наводен тероризам против искрени патриоти, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите институции се ставени под партиската чизма, а во функција на реваншизмот кој се спроведува. Институциите наместо да го спроведуваат законот, ги спроведуваат партиските наредби. Партиското судство врши нарачан удар врз сите слободномислечки Македонци, кои ѝ кажаа не на Тиранската платформа. Законите се деградирани, а правната држава не постои“, велат од партијата.

Според нив, „контролираното судство од СДС одобрува нарачани притвори за луѓе без основни елементи на кривичното дело кое им се става на товар, а повторува предмети како „Монструм“, каде што беа убиени 5 момчиња, а се најавува меѓународна истрага за терористите од „Диво Насеље“ кои убија 8 припадници на македонската полиција“.

Власта, додаваат, става во затвор уметници, актери, режисери и луѓе кои целиот свој работен век го посветиле на одбрана на државата, додека во исто време изготвува закон за амнестија на над 1.000 затвореници, извршители на тешки кривични дела.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да протестира и да ги блокира крстосниците низ град Скопје сè додека трае овој атак врз Македонија. ВМРО-ДПМНЕ денес ќе изврши блокирање на следните крстосници во период од 15 до 17 часот: крстосницата кај Мавровка, крстосницата помеѓу улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев во Карпош и кКрстосницата кај „Рампа“ во населбата Кисела Вода.

Воедно ВМРО-ДПМНЕ ќе организира протест и пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска во 18 часот, каде што ќе има повеќе обраќања пред присутните.