Димитров-Тилерсон: Македонија е на добар пат кон реформите

30 ноември, 2017 | 10:18 часот | 259 прикажувања |
Димитров-Тилерсон

Македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров, вчера беше примен во Стејт департментот од страна на Рекс Тилерсон, Државен секретар на Соединетите Американски Држави.

Министерот Димитров на интерес на Државниот секретар даде осврт на актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, а исто така го запозна и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

„Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна, како би ја искористиле оваа можност што ни’ се укажува“, посочи македонскиот министер за надворешни работи.

Информирајќи за реформите во Македонија, МНР Димитров нагласи дека „сакаме да изградиме силни и демократски институции и да го зацврстиме владеењето на правото, за да ја направиме Македонија посакувана полноправна членка на евро-атлантската заедница.“

Зборувајќи за придонесот на Република Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот, МНР Димитров ја реафирмираше цврстата определба на Владата на Република Македонија постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно барањата на Алијансата. Во контекст на односите со соседите и состојбите во регионот, МНР Димитров подвлече дека „нерешавањето на проблемите повлекува политичка одговорност“.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон истакна дека Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот. Тој нагласи дека САД ќе продолжи да има позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот, да бара начини како да помогне. Тилерсон даде поддршка на реформската агенда повикувајќи ја Владата на РМ да истрае во нејзиното спроведување.