Османи во Брдо: Подготвени сме да преземеме брзи и таму каде што е потребно, радикални реформи

24 април, 2018 | 12:39 часот | 710 прикажувања |

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска ја предводеше владината делегација на Самитот на шефови на држави или влади на земјите-членки на процесот на соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува на Брдо кај Крањ, Словенија, каде главна тема беа предизвиците и можностите за унапредување на меѓусебна соработка.

Во своето обраќање Османи изрази задоволството од постигнатиот напредок за време на словенечкото претседавање во однос на за нас најважното надворешно политичко прашање денес – проширување на ЕУ, односно процесот на придружување на земјите од Западен Балкан во европското семејство.

„Создаден е моментум кој убеден сум ќе знаеме да го искористиме. Мотивацијата со којашто влегуваме во овој процес е силна и како држава подготвени сме да преземеме брзи, и таму каде што е потребно, радикални реформи“, изјави Османи, посочувајќи притоа на охрабрувачката содржина во минатонеделниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјата, и безусловната препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ.

„Во овие турбулентни времиња важно е тесно да соработуваме за зголемување на вкупната безбедност во регионот“, истакна Османи, подвлекувајќи дека овој Самит овозможува да се осознаат предностите на регионалната соработка, инклузивноста, посочувајќи на квалитетот и предностите при изградбата на добри меѓусебни односи. Во овој контекст, Османи заклучи, дека земјите од Регионот заради заедничкиот географски, историски и социо-економскиот потенцијал треба да ја споделуваат и заедничката европска иднина.

Во рамките на посетата, вицепремиерот Османи ќе оствари и билатерална средба со Јоанис Аманатидис, заменик министер за надворешни работи на Грција, каде ќе бидат отворени прашањата за унапредувањето на меѓусебната соработка, предизвиците на тој пат, како и можностите за соработка во насока на искористување на регионалните и европските инцијативи.

Процесот за соработка на Југоисточна Европа е иницијатива за регионална соработка каде покрај Македонија членуваат: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија,Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Косово чија цел е јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирањето на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против илегалните активности.