Дебрца не смее да биде депонија – Дебрца е историја!

23 април, 2018 | 21:00 часот | 1.034 прикажувања |
фото: Шило

Вчерашниот ден, 22 април, Денот на планетата Земја, бурно и гневно се одбележа и во Македонија. Во Независна Mакедонија. И во слободарска Дебрца која некој одново ја провоцира да биде борбена и револуционерна. Со сите нишани  борбена, зашто некој одново сака да ја провери нејзината борбена готовност. И не, за среќа, со вистинска  вооружена окупација, но, за поголема жал, со обид да ја фрли на буништето на историјата,  населувајќи го тука во срцето на Дебрца, буништето на сегашноста, на сметот и изметот собран од деветте општини од западната(та) Македонија.

И каква злонамерност, каква навреда на достоинството на гордата Дебрца и на дебрчани: токму во врвот на Горна Дебрца каде некогаш славно се завеа првиот македонски слободарски бајрак и каде се запишаа првите стихови на „Денес над Македонија се  раѓа…“ денес да се транспортираат гомнениците од девет општини на западната(та) Македонија! Има ли поголемо газење и нагрдување на темелите на Слободна Македонија, врз крвта на стотиците паднати херрои од Дебрца, некој  неразумник, некој со гнила еколошка и психолошка свест да врши голема нужда, покривајќи ја срамно македонската историја, македонската архива и македонската археологија во зародишот на Независна и Суверена Македонија?

Не можам, а да не бидам гневен во овие мигови, во овие денови и месеци кога гледам како од сите страни ни ја сардисуваат и Македонија и Дебрцаи мојот Охрид со сите евроатлантски средства и со сите надворешни, но и внатрешни гомненици од одлуки, со чии последици ќе засмрдиме на  депонијата изградена во најеколошкиот предел на Дебрца, каде понираат, извираат и со 680 литри во секунда клокотат водите на Сини Вирој! Не можам, а да не бидам  гневен кон оние, кои и да се  и од каде и да се,  кои  се впрегнале во смрдлив сојуз против еколошки чиста Македонија; кои наумиле со ѓубре да ја прекријат македонската убавина и историја на Горна Дебрца, а оттаму со смрдлива вода и смрдлив здив да нѐзагадат  до под Охрид и до под езерото, зашто Дебрца и сливот на Сатеска се главната прегратка, главната притока на Охрид и Езерото.

Како ли само  им текнало, како ли само  им паднало на памет, а по сѐ изгледа  и дека не е случајно, на таквите малоумници или заднонамерници, кои наумиле провидно да ја разбудат подзаспаната борбеност на потомците на славните дебрчани за да видат  тие,  злоумниците, да видат колку има уште од оние кои можат да ја бранат и Дебрца и Македонија и родните огништа од смрдлив отпад и измет на неканетите!

И ако сите оние т.н. студии  за безбедна еко-депонија имале намера да ги убедат дебрчани дека сѐ ќе биде во ред, токму  го постигнаа спротивното, зашто дебрчани открија лажни студии и лажни екосистеми со чие инсталирање во Дебрца, тука-во Дебрца, веќе ништо нема да биде во ред! И затоа Дебрца реши: да биде одново борбена и одново револуционерна до крај и по секоја цена. Нема да дозволат туѓо ѓубре во нивните дворови и туѓ измет во нивните  атари. Нема да дозволат Сини Вирој да бидат сиви и црни од нивната смрдеа! И затоа  вчера се кренаа на востание. За почеток на Еко Востание, а  порачаа дека тоа е само почеток на нивниот гнев, кој, ако не биде ублажен со повлекување на одлуката, ќе прерасне во народен бунт, во народна граѓанска непослушност. Така му порачаа и на премиерот и на градоначалниците кои се упорни во спроведување на ненародната одлука, која  и самите дебрчани преку најслободарско референдумско изјаснување, јасно порачаа дека сакаат Чиста Дебрца и Чиста Македонија. Зелена, а не Незрела! Здрава, а не Нездрава Македонија!

А не беа малку и не беа ниту партиски, ниту верски, ниту етнички разединети илјадниците гневни луѓе кои вчера  протестираа кај Ботун. Напротив. Обединети како никогаш досега.Можеби како  во 41-та, а можеби и повеќе, зашто се работи за животот,за чист воздух и чиста вода, за чисто и природно Годивје, Лактиње, Врбјани, Црвена Вода, Издеглавје, Слатино, Сливово и надолу до Ботун и нагоре до Пресека…

Дебрчани, облечени во македонски бои и во дебрчко-охридска носија излегоа кај Ботун за да ја нацртааат својата црвена линија, порачувајќи дека сите добронамерни се дојдени на црвен тепих кај домаќините. Но, за оние кои се натокмиле да ја донесат депонијата, за нив нема црвен тепих, туку црвена линија  пред која како жив ѕид ќе биде секој од дебрчаните и од оние кои живеат таму, а и оние, повеќе од 20 илјади дебрчани кои  денес живеат во Охрид и подалеку уште од родното огниште.

Дебрца не е депонија и нема да биде депонија, зашто Дебрца е историја и еколошки чиста сегашност за да остане  како таква. Со вакви изјави  и со порака и до премииерот да не си игра со нивното трпение и со нивниот гнев,  дебрчани му порачаа да си остане на зборот даден  пред година дена и да си го почитува ветеното,за да не пламне гневот. А гневните дебрчани знаат како да пламнат. На потег, очигледно е премиерот и надлежните за да ја повлечат неприфатливата одлука. Дотогаш, на надлежните разум, а на дебрчани трпение. За доброто на сите! И за доброто на Македонија!

 

 

 


Пишува: проф. Димче Донески

Авторот е претседател на здружението „Родољуби Свети Илија“