Филмот „Исцелител“ одлично прифатен на фестивалот во Талин

29 ноември, 2017 | 17:37 часот | 267 прикажувања |

Македонскиот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески е одлично прифатен од светската публика на меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, кој се одржува од 17 ноември до 3 декември.

Филмот, кој се натпреварува во категоријата дебитантски филмови, веќе распродаде две прикажувања. Според известувањата од режисерот Ѓорче Ставрески, публика имало дури и на скалите, а фановите на филмот барале да се фотографираат со екипата.

Интернационалниот филмски фестивал на Талин е основан 1997 година и е еден од најзначајните фестивали во Европа. Тој е еден од петнаесетте светски водечки фестивали aкредитиран во „А категорија“ заедно со Берлин, Кан, Венеција, Токио и други. Во рамките на овој фестивал „Исцелител “ ќе биде прикажан и во вториот по големина естонски град, Тарту.

„Исцелител“ оствари фантастичен успех на својата премиера на Солунскиот филмски фестивал каде што ја освои наградата од публиката, првпат во нашата историја. На својата македонска премиера во рамки на фестивалот „Синедејс“, филмската екипа беше дочекана со овации од публиката.

Освен публиката, филмот е позитивно доживеан од критиката. Македонските филмски критичари му дадоа одлична оценка на првото остварување на Ставрески, а стигнаа и првите пофални зборови и од странските критичари. Ненси Бишоп, член на одборот на Американското здружение за кастинг, го пофали филмот како одличен. „Горкослатката канцер комедија од Македонија го наоѓа својот во хумор во темни места“, пишува во рецензијата на еден од водечките светски филмски магазини „Screen Daily“. Британскиот филмски блог CineVue, го опишува филмот како „импресивно деби со совршена рамнотежа на забава, социјален коментар и трогателност“.

Филмот моментално се прикажува во кината „Синеплекс“ и „Милениум“.