ВИДЕО: Отворен новиот автопат од Демир Капија до Смоквица во должина од 28 километри

23 април, 2018 | 18:11 часот | 993 прикажувања |

По шест години од почетокот на градежните работи, денеска свечено беше отворена делницата на автопатот Е-75 која ги поврзува Демир Капија и Смоквица, во должина од 28,2 километри.

Новиот автопат обезбедува значително скратување на времето на патување, ја зголемува безбедноста за сите учесници во сообраќајот и создава услови за динамизирање на транспортот и трговијата, како и натамошен развој на целокупната економија.

Ова се клучните придобивки за земјата, нејзините граѓани и деловни субјекти од новиот автопат во чија изградба се вложени вкупно 227 милиони евра.

„Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и приказната, искрената приказна, за поддршка и соработката, помеѓу Република Македонија и Европската Унија. Една од најјасните заложби на оваа Влада, е издигнувањето на Македонија како конструктивна точка која поврзува и сплотува во заедништво, оттаму, овој автопат е можеби една од најјаките симболики за тоа. Нашата темелна вредност и определба, да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, национална патна инфраструктурна стратегија, со онаа на Европската унија“, истакна во своето обраќање пред присутните премиерот Зоран Заев, кој се заблагодари на поддршката што Европската Унија ја обезбедува во развојот на инфраструктурата на земјата.

На настанот беше официјално отворен новиот автопат и беше означен стартот на „ЕУ за ТЕБЕ“ кампањата за инвестициите на Европската Унија во транспортната инфраструктура.

„Со отворањето на овие 28,2 км од автопатот Демир Капија – Смоквица го додадовме делот од Пан-Европскиот Коридор 10 кој недостасуваше во земјата. Овој автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување“, рече генералниот директор за Соседски политики и преговори за проширување во Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, во своето обраќање.

На настанот беше нагласено дека во изминатите неколку години Европската Унија вложила речиси 325 милиони евра во транспортната инфраструктура на земјата. Со нив се изградени и обновени над 100 километри автопатска мрежа, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици.

Како и останатите инфраструктурни проекти на ЕУ, така и новиот автопат е изграден според најсовремените градежни, технички и безбедносни стандарди. Долж трасата на автопатот изведени се над 8 милиони метри кубни високи насипи и длабоки ископи во теренот, како и 6 моста, близу 100 канали, 2 сообраќајни клучки и 2 двојни тунели со должина од над 1,2 километри. Покрај современото енергетски ефикасно осветлување, во тунелите се инсталирани и систем за вентилација, за детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA систем за мониторинг и управување со сообраќајот.

„Од денеска добиваме нова, модерна и безбедна автопатска делница, прва од овој тип на Балканот. Автопатот ги содржи сите потребни карактеристики за сообраќајна безбедност што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници. Истиот е проектиран и изграден согласно нормите и стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата штетни гасови“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Продолжување на поддршката и инвестициите кои треба да обезбедат поефикасно инфраструктурно и енергетско поврзување на целиот регион е една од шесте приоритетни иницијативи во новата Стратегија на Европската Унија за поддршка на трансформацијата на Западен Балкан. Со неа се предвидуваат дополнителни инвестиции на ЕУ од над една милијарда евра во натамошниот развој и инфраструктурата на земјите од Западен Балкан.