„Македоника литера“ ја објави книгата со раскази „Можеби заминуваме“ на чешкиот писател Јан Балабан

14 февруари, 2018 | 10:07 часот | 15 прикажувања |

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата со раскази „Можеби заминуваме“ на чешкиот писател Јан Балабан, во превод од чешки јазик на Донка Роус.

Книгата е наградена со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2005 година и е прогласена за книга на декадата во Чешка (2002 – 2011), како и со наградата на читателите – Книга на годината според анкетата на весникот „Лидове новини“ во 2004 година.

„Можеби заминуваме“ е книга во која авторот пишува за судбините на сосема обичните луѓе кои вообичаено се соочуваат со болката, самотијата, празнотијата, среќата или со разочарувањето и затоа авторот е нарекуван познавач на човечката тага. Притоа, Балабан ги ползува митовите, легендите, Библијата, колективната меморија или духот на времето за да биде максимално уверлив во раскажувањето на приказните во дваесетте раскази, кои тематски и структурно се сосема различни, но сите подеднакво привлечни за читање.

Раскажува за ситуации за кои се чини дека нема излез, дека нема пат напред или дека патот секогаш е непознатост и иднина. И затоа крајот нанеговите раскази е речиси секогаш отворен. Од критиката е наречен егзистенцијалистички писател.