Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот „Траекторија“

14 февруари, 2018 | 10:30 часот | 64 прикажувања |

Во предметот „Траекторија“  обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Обвинетите присуствуваат на денешното рочиште што го води судијата Горан Бошевски.

Судењето за „Траекторија“ на 31 јануари почна од почеток бидејќи беше променет судечкиот совет.

Адвокатите на обвинетите на претходното рочиште побараа од СЈО да им ги достават снимените разговори на рака, за да ги анализираат во изворна форма. Тие не прифаќаат „бомбите“ со прислушуваните разговори да ги преслушуваат во СЈО.

Во „Траекторија“, Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.