Мико: Дали си ТИ подготвен да се откажеш од Македонија?

9 февруари, 2018 | 16:02 часот | 8.141 прикажувања |

Џејсон Мико, Американец што повеќе од две децении се бори за правото на Македонија и на Македонците на сопствен идентитет под тие имиња, својата најнова колумна на блогот „Медиум“, која ја пренесува порталот „Свест.мк“, се обраќа до секој Македонец, директно прашувајќи го „Дали си ТИ подготвен да се откажеш од Македонија?“.

„Едноставна, а, сепак, важна вистина е дека македонскиот народ постои. Живееме во 2018 година и македонскиот народ постои. Не само што постои народот, туку постои и македонскиот идентитет, а Македонци можете да сретнете насекаде низ светот. Македонскиот јазик постои, се зборува, на него се пее, се пишува и се учи насекаде низ светот. Македонската православна црква постои, како што постои и македонската култура, и двете се широко распространети. Колку долго постоела оваа култура? Тоа е предмет на дискусија, но самото прашање и не е толку важно. Не е важно тука и сега, во 2018 година. Не е важно во време кога на сè што е македонско му се заканува уништување.

Дали си ТИ подготвен да се откажеш од Македонија? Ако си граѓанин на Република Македонија или Македонец кој живее надвор од Републиката, но имаш глас, дали ќе го кренеш за да ја спасиш Македонија? Или ќе дозволиш да ја загубиме Македонија? Дали разбираш дека промената на името на Македонија суштински го менува и ТВОЈОТ идентитет како Македонец? Дали разбираш дека промената на името ќе се однесува на сè што тебе ти е драго и што го носи името „македонско“? Дали си подготвен да ја платиш таа цена?

Македонската влада и многу странски претставници од САД, ЕУ и НАТО инсистираат дека доколку Македонија не постигне договор со Грција веднаш, тогаш сè ќе биде загубено. Дали веруваш во тоа? Навистина? Дали навистина веруваш дека не постои никаква алтернатива? Дали мислиш дека, како што ни тврдеа по грчкото вето во 2008 година, Македонија ќе има мрачна судбина надвор од ЕУ и НАТО? Ако навистина веруваш во тоа, како тогаш го објаснуваш фактот дека во изминатите десет години, по ветото од Букурешт, Македонија не само што опстои, туку и напредуваше во многу погледи? Дали е тогаш лага тврдењето дека Македонија надвор од ЕУ и НАТО ќе се соочи со мрачна иднина? Нели е можно Македонија да постои и да просперира иако не е членка на ЕУ и НАТО, кога гледаме дека тоа им успева на многу држави низ светот? Или веруваш дека постои само еден пат напред за Македонија кој ќе овозможи земјата да продолжи да постои, а тоа е во НАТО и во ЕУ? Нели е тоа премногу едноставно размислување? Нели секогаш постои и друг пат кој може да се проба? Не сакаш ли да ги истражиш овие други патишта, кои ќе ѝ дозволат на Македонија да го зачува своето име и идентитет?

Ако си родител, твоите деца растеле како Македонци. Дали си подготвен да им кажеш дека сега веќе не се Македонци? Дали си спремен да им кажеш – или да ги поттикнеш – да прифатат друг идентитет? Бидејќи кога ќе го смениш името, ќе се смени и твојот идентитет, а Грците и меѓународната заедница ќе работат на тоа да ве убедат и вас и остатокот на светот да се прифати новиот идентитет. Некои во Македонија исто така ќе се обидат да го наметнат новиот идентитет. Па, дозволи ми да те прашам уште еднаш: дали си подготвен да им кажеш на своите деца дека сè досега било лага, дека никогаш не ни биле Македонци?

Ако си дедо или баба, твоите внуци растат како Македонци. Дали смееш да им кажеш дека веќе не се Македонци? Дали си подготвен да им кажеш – да ги поттикнеш – да прифатат нов идентитет? Со промената на името ќе се смени и твојот идентитет, а Грците и меѓународната заедница ќе работат на тоа да ве убедат и вас и остатокот на светот да се прифати новиот идентитет. Некои во Македонија исто така ќе се обидат да го наметнат новиот идентитет. Затоа, ве прашувам, баби и дедовци, дали сте подготвени да им кажете на своите деца дека сè досега било лага, дека никогаш не ни биле Македонци?

Дали си подготвен твојот јазик да се нарекува нешто друго, а не македонски? Дали си подготвен да му кажеш на светот дека јазикот што го зборуваш веќе не се вика македонски? Дали сакаш да зборуваш, пишуваш, пееш, учиш на јазик кој не се вика македонски? Овие прашања мора да се разгледаат во однос на сè што го носи македонското име – Македонската православна црква, македонската култура, сè што е македонско. Дали си ТИ подготвен и спремен да го дозволиш ова? Навистина си?

Ова се прашањата кои треба да си ги поставиме самите на себеси, како и на сите политички партии во Македонија. Да ги прашаме граѓанските организации, новинарите, професорите, бизнис заедницата, верските институции, меѓународните претставници во Македонија… Но, мораме да почнеме од самите себеси и од своите семејства. Дали си ТИ подготвен да се откажеш од Македонија?“, јавно прашува Мико во својата последна колумна.