Македонскиот народ е хипнотизиран

2 февруари, 2018 | 16:30 часот | 2.566 прикажувања |

Не можам да си поверувам и да се изначудам! Како може да се осмели нeкој да ни го одрече името, да нѐ прекрстува, да нѐ обезименува и обезличува, да нѐ подгазува!? И уште се чудам каде во светов, каде во светската историја е запишан ваков преседан, светот и Европа да нѐ уценуваат со промена на нашето крстено име Република Македонија во некое нивно по грчки терк запишано име Северномакедонија или Горнамакедонија, каде Македонија ќе требало да биде напишана со мала „м“.

И, колку шо повеќе се чудам на белосветските мешетари и несакани кумови, триж повеќе им се чудам на нашиве плиткоумни и бескичмени раководители кои си дозволија да преговараат за името на прадедовците и за името на правнуците македонски?! Имаат ли трошка достоинство за да можат да се потпрат и опрат на гркофонската наезда која во спрега со метјунимицовите и евроатлантските поддржувачи имаат за цел да нѐпонижат до на земја – до под земја!

Се чудам и си помислувам: можно ли е да сме уште при свест со вака поставена платеничка, леснопоткуплива и недоветна дипломатија? Со дипломатија во која најдобрите совети за Нимиц во врска со името доаѓале од еден Али Ахмети, од еден Бујар Османи и Артан Груби, албанска и проалбанска тројка која одлучува какво име ќе носиме ние Македонците, небаре името наше е синџирче или прстенче од пазарите во Драч, Тирана или Приштина?!

„Оваа земја се вика Македонија, а Македонија е свето име бе мамето ваше“, се вели во филмот „Трето полувреме“ и ете, ми доаѓа тоа исто да му го треснам од глава на сите овие преговарачи за името Македонија! Да им кажам дека никој од нив и никој од нас не е достоен да преговара за ова наше библиско и милениумско име кое го носеле генерации Македонци, со чија крв е одбрането и сочувано за сите сегашни и идни поколенија. И токму затоа, поради таа светост, никој, ама баш никој нема право да тргува и пазарува со нашето име Македонија!

Му се чудам најмногу и на овој мој македонски народ кој како подуплашен и заведен молчи и аминува вакви грозомори на миракулите, вакво распетие на името и на јазикот, на татковината… Можно ли е да подзаспал овој мој народ?! Можно ли е да е хипнотизиран овој мој доскоро бунтовен, а сега кутар народ кого силум го легнале на оваа историско-политичка операциона евроатлантска маса за хируршки да му го отстранат македонското ткиво, да му ја отстранат македонската срж; за да биде не Македонец, ами граѓанин од „Оваа земја“, од „Севернамакедониџа или од „Горнамакедониџа“!?

Се чудам и си мислам: мора ова да престане! Мора ова бунило и лудило да престане! Време е и поблиску од 5 до 12 е! Некој треба да го разбуди ова мое сегашно поколение! Време е, дури не е сосема задоцнето, да се изнајде маж – водач, маж – Сердар и да го поведе родот свој во одбрана на своето исконско име Македонија, кое неколку будалетинки, неколку македонски Јуди решиле да го продадат за грст сребреници, за божем розова иднина во НАТО и во ЕУ.

Ги слушам и читам отровните пораки на македонските привремени министри од дипломатијата и одбраната кои мислат дека не било важно името, ами подоброто утре, европското утре, кое, патем, никако да дојде ниту во Европа, а уште помалку во оние петнаесетина земји кои уште од пред дваесетина години се дел од Унијата.

Едни велат ќе го браниме името, а ги храбрат оние кои тоа го прават порачувајќи им нивна ќе била одговорност, демек, само на Владата, само на власта! Не, господо од опозицијата! Не, господо од ВМРО! За промената на името нема да се криви само оние кои тоа ќе го потпишат, ами уште повеќе ќе се криви оние кои ним ќе им дозволат да го стават тој предавнички потпис! Ние! Сите ние ќе сме виновни и одговорни пред историјата, пред предците и пред потомците, зашто нивно ести името, а не наше! Зашто крвта што ја пролеаја комитите и партизаните и по нив бранителите, таа е светост која не се брише; таа херојска крв претставува и постанува нов крвоток на поколенијата Македонци, задоени токму со таа црвена течност на милионите пред нас за да ја оставиме и на милионите по нас! Таа крв преточена во името Македонија, мора да остане негибната, неоскврнавена црвена линија, зашто е светост од памтивек за навек!

И, ви се молам: која Европа, кое НАТО?! Тоа се политички сојузи од интерес кои еден ден ќе се распаднат за посилните во нив да направат нови и нови сојузи. А досега низ историјата сите што се сојузиле биле против Македонија. И тие сојузи понапред и овие сојузи денес и оние кои најверојатно ќе се засојузат во иднина! Сите тие и такви сојузи се менливи и минливи, а Македонија е вечна! Низ сите досегашни векови и милениуми. Никој не успеал до толку да ги покори и понижи Македонците за да мораат да си го сменат своето име! Никој досега! А денес, денешниве наши, небаре наши, денешниве овдешни наши, а туѓи вазали, решиле да го направат своето салтомортале во обид да ја продадат и предадат Македонија!

Но, нас Македонците, нас патриотите македонски кои си ја сакаме Татковината, нас сѐ уште никој не може да нѐ купи ниту да нѐ поткупи ни со неброени милиони евра и долари, оти честа ни е поскапа од сѐ! Честа, Верата и Татковината се нашето свето тројство поради кое постоиме и свето тројство со чија помош и благослов го живееме нашиот македонски живот и го белиме нашиот македонски образ. И денес, и за сите идни времиња!

Нека удрат силно македонските камбани, нека ечи македонската песна испеана со македонски глас кој ќе се чуе од овде до небото, нека остане вечно запишано и непроменето името Македонија! За вечно да живеат и Македонците!
Македонија е жива! Е VIVA!

 

 

 


Пишува: проф. Димче Донески

Авторот е претседател на здружението „Родољуби Свети Илија“