Damnatio Memoriae како потсетник на македонските политички лидери

31 јануари, 2018 | 11:29 часот | 1.433 прикажувања |

Damnatio Memoriae во антиката

Damnatio Memoriaе претставува облик на санкција која постоела во античкиот Рим, со тоа што оние кои биле осудени на оваа казна биле осудени на заборав од историјата, што значело и нивно потполно бришење од истата. Ова била најголема санкција која можел да ја добие некој граѓанин на Рим (претежно казната се однесувала на високите граѓански класи и луѓето кои активно се бавеле со политиката) со цел да се превенира своеволното и арбитрерното делување на истите за да се заштитат интересите на републиката.

Санкцијата во овој случај не се базирала врз телесниот интегритет на сторителот, туку била морална, бидејќи целиот живот сторителот и неговото семјството морале да го носат жигот на моралната осуда која произлегувала од ваквата сакнција. Историски оваа санкција првенствено се среќава во старата Хелада и била употребена од страната на граѓаните на Ефес, кога Херострат го запалил храмот на Артемида кое било едно од седумте светски чуда во светот на антиката. Потоа тој биле избришани сите историски записи кое се однесувале за него и било забрането да се споменува неговот име.

Римјаните, увидувајќи ја практичноста на овој облик на санкција ја усвоиле и допрецизирале со што ја сметале за полоша и од онаа кој произлегувала од смртната казна. Сите оние кои биле oсудени на Damnatio Memoriae биле осудени на заборав од историјата, што всушност значело и нивно потполно бришење од истата, што претставувало најголем срам за еден човек од политичката и високата класа да не биде запишан и запаметен во историјата.

Македонската голгота

Републиката е една од најголемите антички придобивки на модерниот свет. Републиканството кај македонскиот народ трае во нецелосен континуитет веќе 115 години, со оглед на тоа дека Крушевската Република е зародишот врз кој се темели современата македонска држава. Заштитата на вредностите како што се самоопределувањето и непосредната демократија се можни единствено во едно општество каде што слободата, еднаквоста и правичноста претставуваат императив за една република, со цел заштита на правата на граѓаните кои произлегуваат од демократијата. Секој оној кој би посегнал по тие загарантирани права на граѓаниниот би претставувал опасност за републиката и за граѓаните кои живеат во неа. Накратко, политичарите својот легитимет го добиваат од народот, а не народот од политичарите.

Дополнително, секој политичар кој би се обидел да го промени името на републиката со некој непристоен предлог за името, а без притоа да се консултира со народот ќе биде оставен во заборавот на историјата, а неговата политичка кариера завршена. Нешто налик на римскот концепт за damnatio memoriae, но разликата е во тоа што наместо сенатот на Рим, граѓаните ќе ја донесат конечната пресуда. Понатаму, владата не е таа која треба да одлучува за промената на името на државата, ниту политичките партии, туку граѓаните на референдум како демократска придобивка на современото живеење. Сето она надвор од непосредното изјаснување на граѓаните е погазување на демократијата и принципите на републиката од чии последици граѓаните на Република Македонија ќе бидат ставени во неповолна ситуација.

Проблемот во Македонија vis-à-vis светот е тоа што граѓаните никогаш не одлучувале непосредно за оние прашања кои нив директно ги засегале и кои претставуваат прашања од национален интерес , туку секогаш се изнаоѓал метод како гласот на народот да биде замолчен, а потоа преку политичките флоскули истото било решавано од неколку луѓе, партија или влада.

„Жиранти“

Која е цената што Р.Македонија треба да ја плати за влез во НАТО и да се отворат пристапните преговори со Европската Унија? Дали со промената на името во едно сложено и недостоинствено решение, нам автоматски ќе ни се отворат пристапните приговори со Европската Унија?

Во меѓународните односи не постои нешто како жиранти или меѓународни субјекти кои можат да ни дадат гаранции дека при промената на името во таа насока, би се случил голем исчекор, доколку во меѓувреме не се случат реформите кои беа поставени како услов од Европската Унија, а очигледно е дека владата забави на тој процес. Многу е поважно внатре во републиката да се развиваат демократските услови со што ние како држава би се доближиле до европските вредности.

Патот по кој во иднина би требало да се движи Р.Македонија е патот на eвро-атланските интеграции, но во нашиот случај не е прашањето дали треба или не треба Р.Македонија да биде дел од eвропското семејство, туку како да се спречи арбитрерното однесување на политичарите за прашањата кои и нив ги надминуваат и кои би можеле да бидат погубни за Републиката како и за самите нив. На крајот од денот, граѓанинот е тој кој одлучува за својота иднина, но сепак тоа е негово право и никој тоа не може да му го ограничи.

 

 

 

Пишува: Петар Радојничкиќ
Авторот е магистер по римско право и приватно правна традиција