ИНТЕРВЈУ со Ристе Ристевски, Македонецот кој произведува светски бренд на пури „Јас сум крал“

17 јануари, 2018 | 10:25 часот | 5.409 прикажувања |

Ристе Ристевски е нашинец кој живее во Чикаго, Соединетите Американски Држави. Тој е основач на брендот пури „Јас сум крал“, кој веќе е светски познат и признат, а се ужива на сите континенти. Во ексклузивно интервју за Македонија 365 тој одговара на нашите прашања поврзани со неговиот бренд и животна пасија.

М365: Ристе, како се роди идејата еден Македонец во САД да произведува пури со името „Јас сум крал“?

– Сакам да пушам цигари. Верувам дека секој пушач си ја има зацртано идејата да основа сопствена мешавина, базирана на неговата лична палета на вкусови. Ако ме познавате лично, ќе сфатите дека кога ќе си зацртам една идеја, ќе одам до крај и ќе дадам сѐ од себе да бидам успешен во тоа. Што се однесува до името, кое друго име би го посакал секој Македонец да го претставува насекаде во светот ако не е тоа „Јас сум крал”?

М365: Поддршката и вербата од најблиските на секој претприемач му даваат ветер во грбот. Какви беа реакциите од семејството и пријателите кога им кажавте дека одлучивте да се занимавате со домашно производство на пури?

– Сите мислеа дека сум луд, но во исто време и ме поддржуваа низ секој чекор од процесот. Само ѝ кажав на жена ми дека одам  во фабриката во Естели, Никарагва да се сретнам со дечко што еднаш го запознав во Тексас, како би создале цигара што би ја уживал. Ѝ кажав дека одам таму, возејќи низ планините и надевајќи се дека мојот мобилен ќе ми преведува на шпански. До овој ден, не знам ни малку шпански и се надевам дека ќе научам наскоро. На крајот го следев мојот инстинкт и создадов нешто што го сакам, имајќи ја поддршката од моите сакани низ целокупниот процес.

М365: Ако треба да издвоите една суштинска карактеристика по која „Јас сум крал“ се издвојува од останатите брендови на пури која би била таа?

– Со сигурност тоа би била комплексноста.

М365: На кои светски пазари моментално се достапни „Јас сум крал“? Дали имате некој нови пазари во план наскоро? Како се соочувате со дистрибуцијата на пурите?

– САД, Холандија, Шведска, Германија. Во моментов работиме со Норвешка, Белгија и Обединетото Кралство (Англија) за понатамошно проширување. Само што се вратив од Естели пред неколку дена, каде работев на проширување на фабриката со поцврста и построга контрола. Не сум во неа за да бидам зајакот во трката, бидејќи желката секогаш победува на крајот. Продуктот си се продава самиот.

М365: Пурите се пакувани од Македонец кој живее во САД, виткани од страна на Кубанец кој има компанија во Никарагва, а прстенот е дизајниран од страна на Сингапурец. Сметате ли дека интернационалниот карактер на тимот е гарант за успех на еден бренд?

– Како што веќе ви одговорив претходно, комплексноста е најважната и суштинска карактеристика на брендот. Различните позадини од различни земји, сите работејќи како еден, носат голем стил и вкус кој не би го добиле од тим основан од едно место. Способни сме да го оствариме ова имајќи едно нешто што е заедничко: го живееме и го сакаме животот на тутунот.

М365: Кој момент досега ви донел најголема гордост во бизнисот?

– Искрено, тоа е фактот дека пушачите околу светот ги уживаат мешавините. Нема ништо подобро од тоа д се разбудиш и да видиш дека нешто за што имаш пасија е уживано во скоро секоја земја низ светот. Побарајте го хаштагот #jskvirus на Инстаграм и ќе се уверите самите во ова. Се гордеам со тоа што лидерите на индустријата за цигари кажуваат дека уживаат во пурите. За мене тоа е како Мајкл Џордан да „растура“ во пар ваши обувки и да ужива во тоа. Пред сè, јас сум „бубалица“ за цигари.

М365: Што би им препорачале на претприемачите во Македонија кога се работи за бизнис?

– Само одете и направете го тоа. Не слушајте никој кој ве растажува или се сомнева во нешто што сакате да го направите…. и да, нема да успеете, но бидете отворени да учите нови нешта.

Слушај…
Долго време трчав низ овој живот како да беше мој
Никогаш не се помирив, ја поставував секоја цел повисоко
Илјада удари на патот до моето уништување или успех
Но, што е грешката без лекција?
Види, најдобриот учител во животот е твоето искуство
Никој од нас не знае кои сме додека не паднеме
Викаат дека секој човек е дефиниран според неговата реакција на секоја дадена ситуација
Па, кој би сакал да те дефинира тебе?
Некој друг или самиот себе?
Што и да правиш, брат, направи го со цело свое срце
И остани силен.

„Нипси Хасл“ (Nipsey Hussle)

Павел Донески

Останати вести од Интервју

Sorry, no posts matched your criteria.